„Математиката“ на Ѓукиќ – ние ја победивме Чешка, а тие ја „измлатија“ Македонија?!

На дваесетина дена пред стартот на Европското првенство во Хрватска, повеќето од учесниците веќе се во подготвителна фаза и се загрева атмосферата. А, во нашата „балканска“ Ц група се прават и „балкански математики“ кој преку кого најлесно може да стигне до победа и до пласман во следната фаза.

Во групата Ц во Загреб ќе играат Македонија, Словенија, Црна Гора и актуелниот европски шампион Германија. Пласман во следната фаза на ЕП обезбедуваат првите три репрезентациии во групата.

При одредувањето на скратениот состав од 20 ракометари на кои смета во подготовките пред СП, селекторот на Црна Гора, Драган Ѓукиќ, кој своевремено беше и селектор на Македонија, во дуелот со македонската репрезентација ја гледа шансата на Црногорците. За односот на силите пак, Ѓукиќ искористи една интересна паралела.

„Во октомври игравме без Борозан, Грбовиќ и без Владан Липовина, па ја победивме Чешка која ја „измлати“ Македонија. Се разбира, додека постои и нишка надеж за Вуко Борозан, ќе го чекаме, но нема да направиме ништо на штета на здравјето на било кој играч. Што и да се случи имаме солуција, бидејќи Црна Гора е тим, а на тие што се радуваат на нашите маки, нека им служи на чест“ – порача Драган Ѓукиќ преку црногорските медиуми.

Црногорскиот селектор во својата „математика“ намерно или случајно го превиде фактот дека во последниот квалификациски дуел на 18 јуни година, Македонија ја победи Чешка (33-20). Црна Гора славеше минимално против Чешка (23-22) во пријателскиот натпревар во Подгорица во рамките на неделата на ЕХФ на 28 октомври.

Репрезентацијата на Црна Гора со подготовките ќе стартува на 2 јануари, само десет дена пред почетокот на ЕП во Хрватска. Црногорските медиуми му „замерија“ на селекторот за доцниот старт на подготовките, одложен поради неговиот тренерски ангажман во Одорхеи и гостувањето со романскиот тим на новогодишниот турнир во Барселона.

На ЕП во Хрватска, Македонија и Црна Гора ќе играат меѓусебе во вториот натпревар во групата на 15 јануари. Македонската репрезентација во првиот натпревар на 13 јануари ќе игра против Словенија, а Црна Гора отвора со Германија. Во последното круг од првата фаза, на 17 јануари, Македонија ќе игра против Германија, а Црна Гора против Словенија.

Се вчитува...