Едно од најпознатите домашни фудбалски имиња кога се работи за работата со младите категории, творецот на златната генерација на струмичка Беласица во која беа Горан Пандев, Аце Стојков, браќата Попови, Зоран Балдовалиев и многу други повторно се враќа во својата Беласица.
Илија Матеничаров, замина од редовите на Академија Пандев, и повторно се враќа во Беласица, сега како нов потпретседател на клубот.
Матеничаров до пред извесен период долги години работеше во Академија Пандев, но по доаѓањето на новите сопственици на клубот, се раздели со овој клуб и денеска официјално промовиран како нов потпретседател на ФК Беласица.
„Како што најавивме пред некој ден, денеска и официјално, Матеничаров Илија се враќа во својот матичен клуб, со нова функција – потпретседател на ФК Беласица. За Матеничаров и неговата кариера во фудбалот се запознаени струмичани и цела македонска јавност и што тој може да и понуди на нашата Беласица. Претседателот Славчо Васков – Пинда му ја довери функцијата, преку која ќе има главна задача да ја врати старата, блескава и препознатлива младинска школа на ФК Беласица, сега откако нашите млади сили изборија пласман во младинската Суперлига. Реорганизација, донесување на нови познати и талентирани тренери, како и подигање квантитативно и квалитативно на младинската школа со нови талентирани фудбалери се низата предизвици со кои Матеничаров ќе се соочи“ – објавија од ФК Беласица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА