Жан Филип Матета би требало во следните 48 часа да стане најново засилување на Милан, со што „росонерите“ конечно ќе најдат врвна „деветка“ со која ќе можат да атакуваат посериозно на шампионското скудето.
Матета и сезонава е најдобар стрелец на Кристал Палас, но Французинот не ја криеше желбата да го напушти лондонскиот клуб. Беше поврзуван со Јувентус, се споменуваа и неколку англиски премиерлигаши, но ситуацијата стана сериозна откако Милан се вклучи во трката. „Росонерите“ експресно ги договорија личните услови со фудбалерот, по што почнаа и преговори со Палас за што поскоро да го договорат трансферот.
Дека се е блиску до реализација потврди и стратегот Гласнер, кој обелодени дека Матета воопшто нема да биде во тимот на Кристал Палас викендов против Нотингем, бидејќи е во исчекување на трансфер.
Милан месецов го доведе Филкруг на позајмица од Вест Хем, но нема сомнеж дека трансферот на Матета ќе биде сериозна порака до ривалите дека „росонерите“ се решени да се борат за трофеи на италијанската фудбалска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

