ЕКИПА во Љубљана,
Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски
Два месеци подготовки, исчекување на дебитантскиот историски настап на Европско првенство и дојде денот. Македонските одбојкари денеска (17.30 часот) ја стартуваат одисејата во европската елита, а прва пречка е селекцијата на Финска.
Подготвени ли се за предизвикот? Селекторот Никола Матијашевиќ вели дека Македонија е нефаворит во конкуренцијата во Љубљана, но на секој натпревар ќе го даде максимумот за достојна презентација на нашата одбојка. А против Финска, може да се надева и на успех и историска прва победа.
„Македонија мора да биде горда што е дел од оваа силна европска конкуренција. Самото учество е за нас голема работа, но се подготвувавме два месеци напорно за да одиграме најдобро што умее против елитните селекции на Стариот континент. И подготвени сме, мислам дека можеме против сите да парираме, добро е што сега веќе немаме и повредени играчи“, вели Матијашевиќ.
Финска е анализирана, имаме подготвено и противигра. Селекторот вели дека треба да се обидеме да ја скротиме нивната брза игра и „убиственото“ прво темпо.
„Финците се висока селекција, во првата линија немаат одбојкар под 200 сантиметри, и тоа секако си носи квалитет во многу одбојкарски сегменти. Брзо го спроведуваат акциите, најголем адут им е играта на ‘прво темпо’ и ќе мораме тука да парираме. Со добар сервис ќе мораме да ги разбиеме, малку да ги неутрализираме. Секако, многу работи ќе зависат и од нашиот прием на сервисот. Знаеме што не очекува, имаме и соодветна стратегија, сега останува одбојкарите и тоа да го спроведат на самиот меч. Подготвени сме, знаеме и можеме“, порачува селекторот во пресрет на дебитантскиот настап на Македонија на Европско првенство во одбојка.
65 – годишниот српрски стратег Никола Матијашевиќ ја презеде селекцијата на Македонија во пресрет на квалификациите за ЕП 2019 и избори историско учество во групата Ф, против селекците на Украина, Швајцарија и на Унгарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА