Одбојкарската репрезентација на Македонија е максимално мотивирана за новиот голем предизвик, квалификациите за ЕП 2021 во кои нашите одбојкари за ривали во Скопје ќе ги имааат селекциите на БиХ и на Турција. Според системот за натпреварување, пласман на ЕП обезбедуваат победниците, како и петте најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи. Со Босна и Херцеговина ќе играме утре и в четврток, а со Турција в среда и в сабота.
Селекторот Никола Матијашевиќ е оптимистички расположен, верува во квалитетот на нашиот национален тим, кој има можност вторпат во низа да стигне до пласман на еден европски шампионат. Матијашевиќ единствено жали што поради коронавирусот нема да има публика на трибините од СЦ „Борис Трајковски“.
„Наша предност евидентно е што Федерацијата успеа да изменаџира да ги добие двата турнира овде, што зборува за нејзината способност, а нам ни дава уште поголема шанса. Проблем е што нема да има публика, па таа предност на домашен терен нема да биде толку голема, но сепак постои и јас верувам дека повторно ќе играме на европско првенство. Се разбира дека сите сакаме да бидеме први, односно да ја победиме Турција еднаш, ако може и двапати. Тие имаат предност на позиции кај двајца или тројца одбојкари коишто се искусни и долго време играат на европските првенства. Да не влегувам во детали, тие на некој начин ни се должни од Љубљана. Според мене, главна и основна задача е да се квалификуваме, дали како први или како втори, не е толку важно. Би било идеално да сме први и на 16-ти навечер по натпреварот со Турција, да знаеме дека сме квалификувани, да можеме да планираме, да се организираме, а не да чекаме“, истакнува Матијашевиќ во пресрет на новиот квалификациски циклус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА