ЕКИПА во Љубљана,
Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски
Одбојкарската репрезентација на Македонија освои еден сет против Финска на отворањето на ЕП 2019 во Љубљана, а следен предизвик е селекцијата на Турција. Нема многу време за опоравување и анализи, Турците не чекаат на дуел од 17.30 часот во арената „Стожице“. Селекторот Никола Матијашевиќ вели дека националниот тим не смее да падне психички по првиот пораз, мора да продолжи максимално и да се обиде да ја изненади Турција, која покажа дека е квалитетна селекција со тоа што и одзеде сет на моќната Русија.
„Можеби очекувавме повеќе, но загубивме од Финска. Имавме некои едноставни грешки кои Финците знаеја да ги искористат. Но, тоа е зад нас, не смееме сега да паднеме психички по првиот пораз. Има уште многу да се игра на Европското првенство. Денешен противник ни е Турција, исто така квалитетна селекција, го покажаа тоа и вчера кога освоија сет против Русија. Во одбојкарскиот свет ние многу добро знаеме колку е тоа тешко. Тие имаат одличен коректор, ќе мораме да бидеме агресивни и повторно ќе кажам дека многу работи ќе зависат од нашиот сервис и прием. Ако тука бидеме на нивото, Турција може да биде и ранлива“, анализира селекторот Никола Матијашевиќ.
Од нашата група, денеска во „Стожице“ се игра и дуелот меѓу Белорусија и Русија во ноќниот термин (20.30 часот).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА