Тренерот на Пролет, Никола Матлиески, има причина за задоволство по шестата победа во низа на својот тим во Супер-лигата, и тоа на гостински терен против Охрид. Бодовите од овој меч уште повеќе го зголемуваат оптимизмот во таборот на скопскиот клуб во пресрет на уште еден дерби меч, на домашен терен со Пелистер в сабота, на кој победа ќе значи и огромен чекор напред кон место во плејофот.
„Уште од самиот почеток инсистирав на брз центар, се со цел што повеќе да наметнеме наше темпо, знаејќи дека Охрид нема да може да го следи до крај. Во првото полувреме тоа не вроди со плод, но домашните ракометари загубија сила, па потоа не можеа да го издржат ритамот во самиот крај кога се решаваше победникот. Пресуди нашата подобра физичка подготвеност, како и концентрацијата во клучните моменти, кога знаевме да ги казниме грешките на противникот. Мора да сум задоволен од победата над Охрид, но и целокупно од нашата игра во последно време. Сепак, немаме многу време за славење бидејќи пред нас е уште еден исклучително тежок натпревар, дуел со уште еден дирелтен ривал во битката за плејофот. Пелистер е квалитетен тим што игра добар ракомет, но јас верувам во мојата екипа и оптимист сум дека со голема борба и дисциплина во играта можеме да стигнеме до нова победа, која би ни била од огромно значење за остварување на зацртаните цели“ – истакнува Матлиески за клупската веб-страница на РК Пролет.
Дерби натпреварот од следното суперлигашко коло меѓу Пролет и Пелистер се игра в сабота со почеток во 18.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА