Тренерот на Пролет, Никола Матлиески, е задоволен од остварениот резултат во првиот круг од Супер-лигата, во кој скопскиот клуб има шест победи и само еден пораз. Во ситуација кога во текот на летото остана без Манасков и првиот голман Кимевски, но Матлиески сепак успеа да врзе седум меча без пораз и на крајот да го заврши овој прв круг на четртото место.
„Севкупно гледано, морам да бидам задоволен од оствареното во овие први девет натпревари. Треба да се потенцира дека игравме со нешто понамален ростер во однос на минатата сезона, но сепак успеавме да оствариме одлични резултати, да забележиме шест победи и само еден пораз. Генерално, презадоволен сум од пристапот на ракометарите и она што го покажуваат и на тренинзите и на натпреварите. Секогаш се може подобро, верувам дека можеме да напредуваме уште повеќе во одбраната, на што ќе биде ставен акцент во наредниот период“ – најавува Матлиески.
Пролет забележа две нерешени средби, дома со Металург и на гостински терен со Пелистер, дуели на кои бевме на чекор до победата, но примивме голови во самата завршница.
„Да бидам искрен, повеќе ме боли ремито со Пелистер бидејќи тоа беше меч на кој важевме за фаворити, бевме блиску до трите бода, но на крајот моравме да се задоволиме само со реми. Бевме на чекор до триумф и против Металург, но тоа беше меч на кој ние бевме блиску до сензација и на крајот освоивме еден „непланиран“ бод, додека со Пелистер загубивме два бода што очекувавме да ги освоиме. Сепак, тоа е составен дел од спортот, за нас е лекција дека мораме да играме максимално буквално до последната секунда на секоја меч“ – истакнува Никола Матлиески.
Не се исклучува ниту можноста Пролет во блиска иднина да го засили играчкиот кадар, а големо засилување се очекува да биде враќањето на Александар Василевски, кој неколку месец е надвор од терените поради тешката повреда на коленото заработена во текот на минатата сезона.
„Василевски е ракометар што е добро запознаен со нашиот систем на игра и што сигурно ќе биде значајно засилување. Во опција се и неколку потенцијални засилувања, моја желба е да доведеме уште двајца нови квалитетни ракометари, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите на пазарот, кој играч ќе биде слободен и дали ќе можеме да го ангажираме. Последниот збор сепак ќе го има управата и главниот спонзор Тинекс, на кој сме ме му благодарни за стабилноста што ја имаме и оваа година како и во минатото“ – вели стратегот на Тинекс Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА