Шефот на стручниот штаб на Тинекс Пролет, Никола Матлиески, е задоволен од сработеното од ракометарите во текот на летните подготовки. Целта на тимот е јасна, добри игри од самиот старт на сезоната и влез во плејофот, за што според новиот систем на натпревари неопходно ќе биде да се влезе меѓу најдобрите три екипи во групата.
„Одработевме квалитетни подготовки што не беше лесно бидејќи ракометарите беа надвор од ритам по предолгата пауза поради коронавирусот, но со максимално залагање и напорна работа стигнавме до ниво, со кое може да се каже дека сме подготвени за стартот на сезоната. Одигравме квалитетни контролни натпревари и формата ни се движи во нагорна линија, така што со нетрпение го очекуваме почетокот“, вели Матлиески.
Ривал на Пролет во првото коло ќе биде новиот суперлигаш Јуниор Кисела Вода, а Матлиески е свесен дека за триумф ќе мора да се одигра максимално ангажирано од првата до последната минута.
„Јуниор е дебитант во елитното друштво, но дефинитивно е тим што не смее да се потцени. Тие донесоа квалитетни засилувања во текот на летово и ќе бидат незгоден ривал за сите екипи. Ние ќе мораме да одиграме на највисоко ниво доколку сакаме да победиме на овој натпревар и ќе барам максимално залагање од сите ракометари“, истакнува Никола Матлиески.
Тинекс Пролет летово се засили со Дејан Пецаковски и со Давор Палевски, двајца ракометари кои ќе донесат дополнителен квалитет во играта на овој скопски суперлигаш.
„Пецаковски и Палевски се квалитетни ракометари кои во текот на подготовките се адаптираа на нашиот стил на игра. Не се сомневам дека ќе ни бидат од огромна помош, но би потенцирал дека во еден пеколен ритам од две средби неделно ќе ни бидат неопходни буквално сите играчи во ростерот, да помогнат секогаш кога ќе добијат шанса бидејќи пред нас се два исклучително тешки месеци“, изјави Матлиески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА