Матлиески тргна со триумф, Тиквеш останува на европскиот пат

Никола Матлиески имаше успешен старт на тренерската авантура во Тиквеш откако дебитираше со триумф на незгодното гостување против Еурофарм Пелистер 2 со резултат 25-30. Битолчани знаат да бидат незгоден ривал за екипите кои атакуваат на излез во Европа, но кавадарчани денеска одговорија на предизвикот, уште во првото полувреме успеаја да се одлепат и да стигнат до огромни бодови. Со нив, Тиквеш останува на четвртото место на табелата кое води во ракометна Европа следната сезона, на две кола до крајот на шампионатот.

Денешниот натпревар беше израмнет само во првите дваесетина минути. Резултатот последен пат беше егал при 9-9, а домаќините парираа само со 10-11, по што следеа три погодоци во низа на Тиквеш. Кавадарчани заиграа уште подобро до крајот на полувреме и на одмор заминаа со водство од 12-17. Сите дилеми околу победникот исчезнаа на стартот од второто полувреме откако гостите набрзина стигнаа до 12-21, по што Матлиески и неговите избраници рутински го приведоа мечот до самиот крај, славејќи значаен триумф во Битола.

Стефановиќ со девет голови беше најефикасен во победничкиот тим, додека Симиќ, Хамзиќ и Коцев постигнаа по пет погодоци. На спротивната страна, Петровиќ беше најдобар поединец во вторио тим на Еурофарм Пелистер со осум постигнати гола.

Се вчитува...