Вардар ќе го задржи Роџерс Мато до крајот на сезонава, но интернационалецот од Уганда потоа ќе си замине од таборот на „црвено-црните“ и кариерата ќе ја продолжи во дресот на шкотски Хартс. И тоа без ниту едно евро за Вардар, официјално објави шкотскиот клуб!
Интересно, раководството на Вардар пред десетина дена објавија дека одбиле 350.000 евра од Хартс за Мато, потоа и дека бараат 1,5 милиони евра како отштета за својот најдобар фудбалер. А, сега најдобриот фудбалер на „вардарци“ веќе си се договорил со клубот од Шкотска за преселба од јули, со „нула евра“ за Вардар.
Во меѓувреме се шпекулираше и со трансфер во Трабзон, се падна во вода, за денеска да биде официјално потврдено дека Мато кариерата ќе ја продолжи во Хартс, но и дека ќе се пресели во овој клуб како слободен играч, без отштета за македонскиот клуб.
„Воодушевени сме што можеме да објавиме дека постигнавме договор со репрезентативецот на Уганда, Роџерс Мато, да стане играч на Хартс следното лето. Овој 22-годишен фудбалер ќе се приклучи на нашиот клуб во јули, по истекот на договорот со македонскиот клуб Вардар и ќе потпише тригодишен договор“, објави Хартс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

