Мацари е големо промашување: Наполи заборави и да победува и да дава голови

Резултатската криза на Наполи уште повеќе се продлабочи со денешниот пораз од 3-0 на гостувањето против Торино, уште еден јасен доказ дека „наполитанците“ не се ниту блиску до формата со која лани испишаа историја стигнувајќи до шампионската титула.

Главен виновник дефинитивно е претседателот Де Лаурентис, кој најпрвин влезе во конфликт со шампионскиот тренер Лучијано Спалети, а кога тој реши да си замине за нов тренер на стартот од сезонава беше доведен Руди Гарсија. Откако Гарсија се покажа како големо промашување тој доби отказ, но никој не можеше да претпостави дека новиот тренер Валтер Мацари ќе има уште послаби резултати од својот претходник.

Бројките најдобро говорат, Наполи одигра десет натпревари под водство на овој стратег, при што има дури шест порази, едно реми и само три порази. „Наполитанците“ се елиминирани и од Купот на Италија, а на последните четири средби овој тим не успеа да постигне ниту еден единствен гол, примајќи дури девет.

„Сино-белите“ заостануваат огромни 20 бода зад лидерот Интер во трката за висок пласман, па речиси сигурно е дека овој тим ќе остане и без место во ЛШ наредната сезона. Згора на тоа Осимен се подготвува за трансфер, а лесно може да се случи по негови стапки да тргне и Кварацкелија. Дефинитивно, сезона за заборав на „наполитанците“.

Се вчитува...