Мбапе е број 1 на 20 години, пред Пеле, Меси, Марадона и Роналдо

Килијан Мбапе со одличните настапи во дресот на Монако се промовираше на мапата на врвни фудбалери, а во изминатите две години како член на ПСЖ и на француската репрезентација младиот голгетер покажа дека станува збор за суперталент кој сега со право се вбројува меѓу најдобрите играчи на денешницата. Мбапе неслучајно беше избран и меѓу најдобрите пет фудбалери при изборите во 2018 година, откако прикажа низа одлични партии во дресот на Франција на СП 2018, покажувајќи дека е подготвен да одговори и на најголемите предизвици во кариерата.

Француските медиуми направија и мала споредба на Мбапе со дел најдобрите фудбалери на сите времиња, компарирајќи ги бројките од раната фаза на кариерата на Французинот со оние на Меси, Роналдо, Пеле и на Марадона, а резултатите се изненадувачки – Мбапе пред да наполни 20 години има поимпресивна статистика од фудбалските великани.

Имено, асот на ПСЖ досега зад своето име има четири клупски титули (три за „светците“, една за Монако), еден трофеј светски првак и една европска титула со У19 селекцијата на Франција. Воедно, зад неговото име остануваат запишани и четири погодоци на фудбалските мундијали.

Меси на истата возраст веќе имал пет трофеи со Барселона, една У20 титула со Аргентина, но асот на Барса на својот прв мундијалски настап постигнал само еден погодок. Воедно, Меси се уште е без освоена светска титула, ниту пак има освоено трофеј во Копа Америка. Кристијано Роналдо до 20-годишна возраст се радувал на две шампионски титули (по една со Спортинг и со Манчестер јунајтед). Тој во раната репрезентативна кариера постигна два погодоци на шест натпревари на својот премиерен европски шампионат.

Диего Марадона имаше три признанија најдобар стрелец во Аргентина (се уште е најмлад добитник на оваа награда), но овој легендарен фудбалер немаше ниту еден тимски трофеј во тој дел од кариерата. Единствениот пехар Марадона го имаше со младинската репрезентација за играчи до 20 години, турнир на кој беше избран и за најдобар играч, а во премиерниот настап на Копа Америка одигра два натпревари, постигнувајќи еден погодок.

Пеле е единствен во ова друштво што покрај Мбапе може да се пофали дека станал светски првак пред да наполни 20 години. Бразилецот останува и најмлад стрелец на еден мундијалски меч, во овој период од кариерата тој веќе имаше шест погодоци на СП зад своето име, но за разлика од Мбапе имаше само две клупски титули со тимот на Сантош.

Се уште е рано за Килијан Мбапе да биде сместен меѓу великаните на фудбалската игра, но потенцијалот постои и доколку младиот Французин продолжи да се развива како играч и да напредува, јасно е дека може да го стигне нивото на оние со кои е споредуван, па дури е и подобар од нив во раната фаза од кариерата.

Се вчитува...