Килијан Мбапе воопшто не ги разгледува понудите од останатите клубови откако донел одлука за својата иднина – Реал Мадрид е тимот во кој француското „чудо од дете“ ќе ја продолжи својата кариера. За оваа своја одлука младиот голгетер ги известил и челниците на Монако, кои му дале збор дека ќе ја почитуваат неговата желба и ќе преговараат единствено со „кралскиот клуб“.
Мбапе моментно се наоѓа на одмор во Палма де Мајорка земајќи здив по фантастичната сезона која го лансираше меѓу ѕвездите на европскиот фудбал. Тој е свесен дека првотимскиот статус во Реал воопшто нема да му биде загарантиран, па затоа е подготвен и за резервна варијанта – да остане уште една година во Монако, или пак да потпише за „кралевите“, па потоа да биде вратен на позајмица кај својот актуелен клуб.
Зинедин Зидан не крие дека го посакува овој извонреден голгетер во својот тим, Флорентино Перез е подготвен да ја исполни желбата на својот тренер, па се чини дека единствената дилема е кога Мбапе ќе пристигне на „Сантијаго Бернабеу“. Доколку Кристијано Роналдо си замине од Мадрид, трансферот на Мбапе речиси сигурно ќе се реализира во овој преоден рок, но доколку тоа не се случи, Франузинот би можел да почека уште една година за исполнување на сонот – облекување на дресот на Реал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА