Килијан Мбапе повторно се најде во центарот на вниманието откако јавно призна дека не е задоволен ПСЖ и дека сака да си замине уште во јануарскиот преоден рок. Клубот не ги исполнил сите барања на напаѓачот, кои биле приоритет за неговиот потпис на новиот договор до јуни 2025 година.
ПСЖ претходно на барање на фудбалерот го смени тренерот, па на местото не Маурисио Покетино дојде Кристоф Галтие, а сменет беше и спортскиот директор Леонардо со Луис Кампос, но изгледа и тоа не е доволно за Килијан, кој воедно со новиот договор стана и најплатен фудбалер на светот со плата од 93 милиони евра годишно до 2025.
Единствената и можеби најважната желба на Мбапе остана неостварена од ПСЖ, а тоа е заминување на Нејмар. Младиот 23-годишен напаѓач смета дека Бразилецот има негативно влијание врз тимот поради неговиот неспортски начин на живот, што предизвикува често да биде повреден. Дека има нетрпение меѓу двете ѕвезди се покажа и на стартот на сезоната, кога имаа меѓусебна расправија кој да изведе пенал.
Шпанска „Марка“ вели дека ПСЖ всушност се обидел да го продаде Нејмар, но кај останатите клубови немало преголем интерес, бидејќи ќе треба да платат огромна сума на пари на обештетување и да му понудат минимум од 30 милиони евра годишна плата. Нејмар за инает на Мбапе ја активирал клаузулата во својот договор за продолжување на соработката со ПСЖ на плус уште една сезона до јуни 2027 година, што дополнително го разлутило Французинот.
Тука е и скандалот што го открија француските медиуми, дека ПСЖ најмил агенција за дигитален маркетинг, која преку „ботови“ на социјалните мрежи ширела невистина за Мбапе во периодот од 2018 до 2020 година. Ако се докаже дека клубот навистина направил такво нешто, напаѓачот ќе може да го раскине договорот со ПСЖ според работничките права на француските закони за нелојалност кон вработениот.
Сите овие моменти го тераат Мбапе да го напушти Париз и да се обиде да обезбеди трансфер во некој друг голем клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА