Мбапе се налути, Енрике му одговори: „Фрустриран? Нормално, кога промашивме пет чисти шанси!“

Килијан Мбапе очигледно не можеше да ја сокрие својата фрустрација по натпреварот против Борусија Дортмунд, иако со оние 1-1 Французите обезбедија осминафинале во најквалитетното европско клупско натпреварување.

Француските медиуми пренесуваат дека незадоволството на напаѓачот по мечот, кој веднаш се упатил кон соблекувалните, било предизвикано од желбата на главниот тренер Луис Енрике во последните минути тимот да ја задржи топката и да не ризикува.

Токму околу однесувањето на Мбапе коментар по натпреварот даде и самиот Енрике.

„Мбапе бил фрустриран и нервозен? Нормално е да биде вознемирен бидејќи имавме пет чисти шанси и не ги реализиравме. Може да биде лут затоа што сака да постигнуваме повеќе голови, но јас сум тој што треба да ги измери ризиците. Би било глупаво да примиш гол во 85 минута и да бидеш елиминиран. Пред тоа, воопшто не бевме загрижени за тоа што се случуваше на другиот натпревар. Но, по вториот гол на Милан, работите се променија. Ги повикав играчите да се обидат да победат, но без непотребни ризици“ – изјави Луис Енрике.

Се вчитува...