Килијан Мбапе ја продолжува војната со раководството на ПСЖ откако францускиот голгетер стави до знаење дека нема намера да ја прифати пребогатата понуда од Саудиска Арабија и да мине една година во оваа земја, по што би го остварил трансферот од соништата во Реал Мадрид. Француските медиуми се убедени дека Мбапе има договор во јуни 2024 година како слободен играч да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“, но тоа би можело да се реализира и порано, за што големиот ас планира да го искористи истиот рецепт како и македонскиот голгетер Горан Пандев пред повеќе од една деценија.
Пандев со голем успех го носеше дресот на Лацио, но влезе во војна со претседателот Клаудио Лотито, кој реши да го казни Македонецот испраќајќи го да тренира со младинскиот тим на римјаните. Пандев ги слушаше клупските наредби, но паралелно со тоа покрена и судски спор барајќи раскин на штета на клубот. Адвокатите на Пандев за време на процесот што траеше два месеци докажаа дека фудбалерот не ги добивал условите за работа што му биле загарантирани со договорот, по што „Гранде Пандев“ доби раскин на договорот со Лацио и веќе во јануари се пресели во Интер.
Како што јавува весникот Л’Екип, Мбапе е решен да оди по истите стапки. Францускиот репрезентативец не беше вклучен во составот на тренерот Енрике за турнејата во Азија, а ставот на газдите е јасен – тој ќе биде отстранет од првиот тим доколку не потпише договор. Французинот засега мирно работи (како и Пандев во тоа време), свесен дека ако остане во клубот до 1 август, ќе му следи бонус за лојалност од фантастични 60 милиони евра што клубот ќе мора да му ги исплати.
Доколку ситуацијата не се промени, Л’Екип најавува дека на самиот почеток од септември ќе следи и почеток на правна постапка на Мбапе против ПСЖ, во која ќе се бара раскин на договорот на штета на клубот, поради прекршување на договорените услови од страна на челниците на францускиот првак.
Едно е јасно, целата оваа тензија речиси и да не постои начин да биде смирена и да се дојде до заеднички јазик и смирување на страстите. Како што стојат работите, судска разврска ќе биде неизбежна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

