Килијан Мбапе долго време молчеше кога станува збор за изјави пред медиумите, но слабата форма придонесе за него да се појават бројни шпекулации, околу причините за бледите изданија во дресот на Реал Мадрид, конфликтот со селекторот Дидие Дешамп…
На крајот, Мбапе реши да излезе во јавноста и да проговори за голем дел од овие теми, во долго интервју за една француска телевизија.
„Се пишуваше многу дека имам психолошки проблеми, дека патам од депресија. Тоа апсолутно не е точно. Вистината е дека бев преморен, навистина истоштен, зад мене беше исклучително напорна сезона, настап на ЕП и веднаш потоа трансфер во Реал Мадрид. Немав одмор каков што требаше и тоа се одрази на мојата подготвеност. Луѓето пишуваат се и сешто, знам дека депресивноста може да биде голем проблем и на тие луѓе им е потребна помош, но јас немам такви потешкотии“, изјави Мбапе.
Тој се осврна и на времето минато во ПСЖ, каде две сезони крај себе го имаше најдобриот фудбалер на сите времиња, Лео Меси.
„Меси е вистински фудбалски феномен, беше прекрасно да се биде крај него. Тој толку добро го разбира фудбалот, што во секој момент можете да научите нешто од него. Често му приоѓав и го прашував како го прави ова или она… секогаш беше тука да помогне, јас научив многу работи од него. За ПСЖ можам да кажам многу добри работи, минав седум извонредни години во кои доживеав бројни прекраснии неколку не толку убави работи. Можеби на крајот згрешив што не бев доволно јасен и конкретен, но луѓето треба да знаат дека секоја вистина има две страни, не е само она што клубот го пласира за мене. Јас се уште ги гледам сите средби на ПСЖ и навивам за овој клуб“, истакна Мбапе.

Тој проговори и за „случајот Стокхолм“, каде замина за време на октомвриската репрезентативна пауза, по што се појавија информации дека против Мбапе има обвинение за сексуален напад.
„Имав пет дена слободно и решив да заминам да се одморам, тренерот ми препорача да биде некаде каде што не би бил толку во фокусот на јавноста и ј аа избрав Шведска. Си поминав убаво, но пред да си заминам се појави моја фотографија како излегуваме од ресторанот, имаше многу луѓе, новинари, фанови… Кога се качив во авионот, ми стигна порака со веста за некакво обвинение против мене. Не знам кој би можел да измисли такво нешто, веќе кажав дека ако шведските власти побараат моја изјава за случајот ќе дојдам и ќе им бидам на располагање“, порача голгетерот на Реал Мадрид.
Меѓу другото, тој говореше и за проблемите со селекторот Дидие Дешамп и неговото отсуство од националниот тим во текот на Лигата на Нации.
„Во септември бев навистина изморен, по долгото лето и недоволниот одмор. Се слушнав со селекторот и му ја објаснив ситуацијата, го замолив да не ме повикуваа…. Тој не беше среќен поради тоа, но го испочитува моето барање и не бев на списокот. Во октомвро бев повреден токму во тој период, така што немавме разговор, комуникацијата беше меѓу лекарите на Реал Мадрид и на француската репрезентација. Кога дојде ноември, бев подготвен да играм, сакав да играм за Франција бидејќи тоа чувство да се игра за својата земја за мене е незаменливо. Селекторот имаше поинакво размислување и не ме повика, јас бев несреќен, но како играч ја почитувам секоја негова одлука. Единствено сакам на сите да им биде јасно дека играњето за Франција е максимална гордост за мене“, истакна Килијан Мбапе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

