Меч што носи бесмртност: Франција – Хрватска, дуел за светскиот врв и за безвременска слава!

По еден месец живеење со фудбалот денеска се спушта завесата на Светското првенство во Русија. Големото финале во Москва меѓу Франција и Хрватска ќе го даде името на новиот светски шампион.

Франција пред почетокот на Мундијалот 2018 беше еден од најголемите фаворити за круната, па на крајот фудбалерите на Дидие Дешамп успеаја да ги оправдаат очекувањата. А, од врвот ги дели само еден меч. Од друга страна, за Хрватска ова е најголемиот успех во историјата и сигурно малку кој очекуваше дека ќе стигнат до тука. Но, во секој случај, сосема заслужено!

Во очекување на финалето, од 17 часот, јасно е дека Франција ја носи фаворитската улога. Хрватите сигурно и далеку повеќе се уморни по трите едноподруго меча во кои играа продолженија во нокаут фазата. Но, мотив за финалето сигурно не им треба!

„Дали имаме сили? Па, некои цел живот не можат да дочекаат ваква можност, да играат финале на Светското првенство. Тука веќе не размислуваш за ништо, излегуваш на теренот и едвај чекаш да почне натпреварот“, вели играчот за врска, Иван Ракитиќ.

Франција, пак, и низ натпреварите по групи и во нокаут фазата ја демонстрираше својата сигурност, моќ, квалитет и рутина за добивање натпревари. Во полуфиналето Французите рутински некако славеа против Белгија обезбедувајќи мундијалско финале, прво по 12 години.

„Го имаме Дешамп. Тој знае како се освојува мундијалскиот трофеј. Веруваме дека ќе ни го покаже патот“, вели голманот на францускиот национален тим, Хуго Лорис.

А, интересно, и двете селекции заеднички ги врзува Мундијалот од 1998 година. Тогаш, Франција стигна до самиот крај, а за Хрватска тоа СП пред 20 години беше историско откако го освои бронзениот медал. Составот на Златко Далиќ денеска ќе има можност за сензација, која толку многу ја посакува целокупниот хрватски народ. Како никогаш досега во ниту една друга ситуација во спортот!

Се вчитува...