Меч за злато: Ѓоковиќ по медалот што му недостига, на патот му стои Алкараз

Новак Ѓоковиќ има трофеи од буквално сите позначајни турнири во светот на тенисот, но Србинот не крие дека она што му недостига е олиписко злато. Токму затоа, настапот во Париз беше приоритет за ветеранот од самиот старт на годинава, а фактот дека Ѓоковиќ е без трофеј во 2024 е само мотив плус до него да дојде токму на Олимписките Игри.

За Новак ова е петто учество на ОИ и досега има само еден медал, бронзен од Пекинг, а триумфот над Мусети значеше и прво олимписко финале во кариерата на Ѓоковиќ. Тој јасно стави до знаење дека не планира да застане тука.

„Тешко е да се сумираат емоциите, петти Олимписки игри, а за првпат ми успеа да го минам полуфиналето. Нема да застанам, секако дека не се задоволувам само со пласман, одам по злато. Медалот е обезбеден, треба да прославам, се надевам дека ги израдував навивачите во Србија и дека ќе прикажам добра игра во финалето“, порача Ѓоковиќ веднаш по труимфот над Мусети.

Предизвикот во денешното финале (14 часот) е огромен ако се знае дека против себе ќе го има Карлос Алкараз. Младиот Шпанец исто како и Ѓоковиќ игра одлично на олимпискиот турнир, а самодовербата кај Алкараз ќе биде уште поголема ако се знае дека пред само 21 ден играше големо финале против Ѓоковиќ на Вимблдон и премногу лесно и убедливо го зеде скалпот на Србинот.

„Финалињата се играат за да се победат, да се крене пехарот, тоа е моето мото и тоа се однесува и на овој дуел со Ѓоковиќ“, порача Карлос Алкараз.

Ако успее да слави денеска, Алкараз ќе стане само втор тенисер во историјата што во иста календарска година славел на Ролан Гарос, а потоа и на Олимпискиот турнир. Ова претходно му има успеано само на Рафаел Надал во 2008 година.

Се вчитува...