Мечот меѓу Вардар и Црвена Звезда повторно ја покрена идејата за Регионална лига!

Хуманитарниот натпревар меѓу Вардар и Црвена Звезда кои по цели 30 години повторно се сретнаа, „како во старите добри времиња“, на дуел во Скопје, повторно ја „разгоре“ и темата за формирање на долгозборуваната регионална лига.

Според голем број фудбалски аналитичари од Балканот, регионалното обединување е и еден од можните моменти за спас на клупскиот фудбал на овие простори.

Токму на оваа тема зборуваше по мечот и тренерот на Црвена Звезда, Владан Милојевиќ кој вели дека и овој дуел на Вардар и Црвена Звезда и оние 25.000 на трибините потврдуваат дека сите ја посакуваат регионалната лига.

„Сите во потсвеста сакаат да се направи таа екс-ју лига. Постарите фудбалски лица добро се сеќаваат на такви дуели и знаат што тие значат. И мојот брат играше во таа лига и знам колку може добро да донесе за клупскиот фудбал. Како играч сум играл против Тони Савевски кога играв за АЕК, јас тогаш бев во Аполон. Според мене регионалното обединување би било одлично, но тоа не е прашање за мене. Искрено, јас би сакал. Вардар е традиционално добар клуб, видовте колку народот го сака овој Вардар. Сигурно би имало извонредни натпревар. Треба да се покрене една таква иницијатива и треба да видиме колку е изводлива“ – рече Милојевиќ.

ИДЕЈАТА ЗА БАЛКАНСКА ЛИГА Е ОД МАКЕДОНИЈА УШТЕ ОД 1992 ГОДИНА

А, можеби малкумина знаат дека идејата за Балканска лига потекнува токму од Македонија, од ФК Вардар и тогашниот директор на најтрофејниот македонски клуб, Драган Томовски, кој во 1992 година уште низ текот на последната сезона од заедничката лига во поранешна СФРЈ во тоа време, повеќе од храбро, нагласувајќи дека за клубовите е неопходно регионално поврзување, покрена иницијатива за Балканска лига!

„Токму низ тие деведесетти години на 20. век почна комерцијализацијата на фудбалот со што се креираа некои нови односи. Ако разгледаме низ години, ете за Фудбалската федерација на Македонија до деведесеттите години воопшто не знаевме ниту кој и како ја раководи. Тоа беше само еден административен сервис кој воопшто не се јавуваше како креатор на фудбалот. Но, со појавата на телевизиските права во деведесеттите години се се промени. Уште како директор на ФК Вардар низ почетоците на македонските независни фудбалски години видов дека тоа е иднината. Првиот натпревар на овие простори за кој се зеде поголема сума средства за ТВ права е натпреварот меѓу Црвена Звезда и Баерн Минхен во 1991 година – 1,5 милиони германски марки, во тоа време. Гледајќи го сето тоа, јас како релативно нов во ФК Вардар низ последната година од натпреварувањето во заедничката лига се појавив со став дека не треба да се враќаме во македонската лига, туку напротив и да го прошириме просторот на заедничка лига, нормално поаѓајќи како професионалец во интерес на мојот клуб и сметајќи дека на тој начин клубот ќе си обезбеди трајна егзистенција, ќе расте финансиски од година на година и ќе има шанса подолго да ги задржува квалитетните фудбалери во своите редови. Таа идеја беше промовирани уште додека траеше лигата во поранешна Југославија и беше прва за такво регионално натпреварување во било кој спорт. А, да бидам искрен, истовремено бев и убеден дека е утопија поради начинот на кој се распаѓаше поранешната држава“ – вели Томовски.

Но, идејата веднаш предизвика широк интерес на просторите во поранешна Југославија, но и во Бугарија, Грција, Турција…

„Идејата наиде на навистина позитивни коментари од клубовите, но имаше категорична опструкција од некои националистички настроени страни и негативни коментари. Кога ја дадов идејата за Балканска лига, не бев наивен па да не знаам дека УЕФА една таква сепаратна лига нема да дозволи. Но, мојата идеја беше во насока да се неутрализира тоа што постоечкиот систем на натпревари во помалите земји нудеше само ретка можност некој пооделен клуб само инцидентно да успее да дочека европска пролет. Поголемиот дел од клубовите веќе до август ги завршуваа европските натпревари. Па затоа целта беше да се формира регионално натпреварување кое ќе биде интересно за клубовите од овој регион, ќе ги доведе до ситуација да се самофинансираат и да се постигне уште поголема популаризација на фудбалот и да се зголеми приходот на клубовите, не само од продадени билети, но и од спонзори, од тв-права, итн. Затоа идејата беше за регионализација на фудбалското натпреварување, со тоа што до декември би се играле регионалните лиги а од февруари тие клубови кои ќе се изборат согласно една таква регионална лига да се приклучат на европските клупски натпревари. Тоа тогаш, во 1992 година, нормално беше глас во пустина затоа што размислувањата за фудбалот во Европа во тој момент не беа во тој правец“.

ЗА БАЛКАНСКА ЛИГА БЕА СРБИЈА, БИХ, ЦРНА ГОРА, БУГАРИЈА…. ПРОТИВ СЛОВЕНЦИТЕ И ХРВАТИТЕ

Сепак, идејата дојде и до УЕФА…

„Писмена реакција од УЕФА не добивме, но со оглед на тоа што за идејата најпрво пишуваа сите медиуми од поранешна СФРЈ, а потоа презедоа и европските медиуми, следеа одговори од одредени водечки лица на Европската куќа на фудбалот дека УЕФА нема тоа да го прифати затоа што сето тоа би било преседан. Иако, им беше објаснето дека не се работи за преседан, затоа што тоа ќе биде официјално натпреварување под капата на УЕФА. Не стигнавме да одржиме и официјален состанок но поддршка добивме од српските клубови, клубовите од БиХ, бугарските клубов… Против идејата беа категорично словенечките клубови, а најпрво поддршка дадоа хрватските клубови, но потоа се откажаа под притисок на навивачите, што и беше за очекување затоа што почна и војната на тие простори. Во тоа време интерес за тоа покажаа и грчки и турски клубови, но потоа кај нив се променија многу нешта, тие зачекорија многу напред од аспект на финансирање на фудбалот, и тие клубови веќе почнаа да играат некоја позначајна улога и во европски рамки“ – истакнува Томовски, притоа дополнувајќи дека сега веќе низ цела Европа, после онаа „Ројал лига“, се активираат идеите за регионализација.

„Интересно, сега Холандија и Белгија најавија можност за формирање заедничка лига, и на тоа немаше реакција од УЕФА. Затоа јас прашувам тогаш зошто и неколку држави од Балканот не може да направат заедничка лига? Јасно е дека формирање на било каква регионална или заедничка лига во моментов е апсолутно неможно без поддршка од УЕФА. Затоа што согласно тоа каков е распоредот на силите, основно е каде и во кое европско натпреварување би оделе потоа тие клубови од регионалните лиги. Значи тие мора да одат во натпреварувањата под капата на УЕФА. Сега во денешно време голем проблем ќе биде еве и да дојде до регионализација, кои клубови да учествуваат во Балканска лига. Секако мора да се клубови кои маркетиншки се интересни. Ако така гледаме, од Македонија клубови интересни за заедничка лига се Вардар, Шкендија и Пелистер“ – вели Томовски.

Се вчитува...