Мунир Ел Хадади и Мароканската Фудбалска Федерација денеска испратија официјална жалба до Судот за Спортска Арбитража (ТАС), со цел голгетерот да добие зелено светло за да може да настапува за африканската селекција на претстојниот мундијал во Русија.
Според строгите правила еден играч нема право да настапи на официјални натпревари за две различни репрезентации, а Мунир веќе има официјален настап за Шпанија, и тоа на дуелот со Македонија на 8 септември 2014 година што „црвената фурија“ го доби со 5-1.
Во тоа време голгетерот од школата на Барселона важеше за голем талент на шпанскиот фудбал, па селекторот Дел Боске реши да го повика токму за да ги спречи Мароканците да влезат во игра за негов ангажман. Сепак, кариерата на Мунир не се одвиваше во посакуваната насока, тој оттогаш ниту еднаш не настапи за шпанскиот национален тим, па сега бара да му биде овозможено да игра за Мароко, земјата од која потекнуваат неговите родители.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА