Данил Медведев се закити со трофејот на Мастерс-турнирот во Шангај, со што рускиот тенисер ја продолжи серијата извонредни резултати на турнирите на кои настапува во последните неколку месеци. Медведев за ривал во денешното финале го имаше Александар Зверев, но лесно го совлада германскиот тенисер со максимални 2-0 во сетови. Со тоа, Медведев ја прекина серијата од четири порази од денешниот ривал.
Мечот беше израмнет се до 4-4, кога Медведев успеа да стигне до брејк и да го добие почетниот сет со 6-4. Тоа беше само најава за уште пофуриозен настап на Русинот во вториот сет, во кој Медведев поведе со 5-0 и триумфираше со конечни 6-1, за своја четврта титула годинава, втора на мастерс-турнирите.
Медведев во 2019 година одигра девет финалиња, што е апсолутен рекорд во машкиот тенис. Тој моментно е четврторангиран на АТП-листата, но со најновиот успех уште повеќе ќе го намали заостанувањето зад Роџер Федерер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА