Медведев мора на операција, Ѓоковиќ уште долго ќе остане на врвот на АТП-листата

Новак Ѓоковиќ ќе остане на врвот на АТП-листата уште најмалку неколку седмици, откако неговиот главен ривал Данил Медведев објави дека мора да замине на операција, поради која повеќе од еден месец ќе отсуствува од терените.

Медведев загуби во четвртфиналето во Мајами од Хуркач, по што остана само 10 АТП-бодови зад Ѓоковиќ, се очекуваше тој наскоро да се најде на врвот, но тоа нема да се случи бидејќи Русинот ќе ги пропушти наредните мастерс-турнири на земјена подлога.

„Поздрав до сите. Во последните месеци играв со мала хернија, заедно со мојот тим решивме да заминам на операција за да го решам проблемот. Ќе отсуствувам меѓу еден и два месеци, ќе работам напорно за што поскоро да се вратам на терените“, порача Медведев.

Тој дефинитивно ќе ги пропушти турнирите во Монте Карло, Барселона, Рим и Мадрид, а неизвесно е дали ќе може да настапи на Ролан Гарос, гранслем турнирот во Париз што ќе стартува на 22 мај.

Се вчитува...