Македонија може да биде домаќин и на уште еден фудбалски мега-спектакл, по организацијата на УЕФА Суперкупот минатата година, доколку наредниве денови позитивно завршат финалните разговори за гостување на двократниот светски шампион Аргентина на почетокот од јуни во Скопје.
Како што дознава ЕКИПА, веќе течат преговорите за пријателски натпревар меѓу Аргентина и Италија кој би бил последен подготвителен за Аргентинците пред настапот на Светското првенство во Русија а би се одиграл на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.
„Да, постои сериозна можност за еден спектакл во Скопје – организација на пријателски натпревар на кој би гостувала во Македонија репрезентацијата на Аргентина. Мечот би бил последниот подготвителен за Аргентинците на европскиот континент пред нивниот настап на Светското првенство во Русија кое почнува од 14. јуни. Не сакавме да излегуваме во јавност предвреме се додека не се заокружат преговорите. Се уште нема ништо официјално, но може да потврдам дека веќе се остварени контакти околу организација на настанот, разговорите течат па искрено се надеваме на позитивна разврска“ – потврдува за ЕКИПА директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Според нашите информации се разгледуваат две можности: Тест на Аргентина со Италија или некоја друга европска селекција, или пријателски натпревар со Македонија. Но, сето тоа ќе зависи од желбата на стручниот штаб на Аргентинците, но и од реалното наоѓање начин за покривање на комплетните финансиски трошоци. Аргентинците, како што дознаваме, се согласуваат гостувањето да го покријат преку продажбата на ТВ правата за натпреварот.
„Отворена е можноста пријателскиот натпревар на Аргентинците да биде и со Македонија. Но, се ќе зависи од преговорите наредниот период“ – вели Каевски.
Можноста за организација на едно гостување во Скопје на една од најдобрите светски селекции ја потврдуваат и од Фудбалската федерација на Македонија која во соработка со Агенцијата за млади и спорт ќе биде задолжена околу организацискиот дел и логистичката поддршка за еден таков натпревар…
„Тоа во секој случај би бил навистина уште еден убав натпревар кој би го привлекол вниманието на фудбалскиот свет кон Македонија доколку се реализира. Има најави до нас за организација на еден таков меч, и во овој момент може да кажам само дека ние сме максимално подготвени комплетно логистички да одговориме доколку се договори натпреварот“ – ни изјави и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
Аргентина и Италија претходно оваа година веќе договорија пријателски натпревар кој ќе се одигра на 23. март во Манчестер. Аргентинците во март ќе тестираат и со Шпанија, а потоа во мај планираат два контролни дуели во рамките на подготовките за настапот на СП 2018, по што би следелa и „генералката“ во Македонија.
Евентуалното гостување на Лионел Меси и компанија би било прво во Македонија во историјата. Доколку се реализира и пријателски натпревар со Македонија би бил прв во историјата на македонскиот фудбал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА