Нико Вилијамс ќе биде најзвучното засилување на Барселона во овој преоден рок откако каталонците конечно успеаја да го убедат крилниот офанзивец да се пресели на „Камп Ноу“. Вилијамс минатото лето долго флертуваше со Барса за на крајот да остане во Атлетик Билбао, но овојпат донесе поинаква одлука – решавајќи да се пресели во редовите на новиот шампион на Шпанија.
Патувањето на Деко на лични разговори со фудбалерот очигледно вроди со плод, па утрово пристигна информацијата дека Нико ја прифатил понудата за шестгодишен договор со каталонскиот гигант. Платата ќе изнесува загарантирани 7,5 милиони евра по сезона, но и богати бонуси за секој освоен трофеј на Вилијамс со тимот на Барселона.
За официјализација на трансферот сега останува уште да биде постигнат договор меѓу клубовите. Во договорот има клаузула за откуп од 60 милиони евра што Барса мора да ја плати, но каталонците бараат сумата да биде исплатена на неколку рати за да не ги нарушат строгите правила на финансиски ферплеј. Атлетик не сака да ги дели овие пари на повеќе рати, но шпанските медиуми најавуваат дека двете страни би можеле да најдат заеднички јазик откако каталонците најавиле дека се подготвени да платат и неколку милиони евра повеќе за да им се излезе во пресрет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

