Флоријан Вирц е чекор поблиску до реализација на трансферот од соништата во Ливерпул откако новиот англиски првак денеска испрати понуда од рекордни 130 милиони евра за да го осигура потписот на фантастичниот офанзивец.
Самиот Вирц уште пред десетина дена ги договори личните услови со „црвените“, па чека само на договор меѓу клубовите за да го комплетира трансферот на „Енфилд роуд“. „Фармацевтите“ инсистираат на 150 милиони евра отштета, но откако сите останати клубови не ја минаа границата од 100 милиони, пред се поради фактот дека Вирц има само уште една година од договорот со Баер, раководството на Ливерпул реши да ја надмине оваа граница, нудејќи фантастични 130 милиони евра.
Понудата била доставена денеска, по што продолжуваат преговорите околу одредени детали и клаузули. Сепак, и кај двете страни постои оптимизам до крајот на оваа седмица да биде постигнат целосен договор, по што Германецот би допатувал на „островот“ на лекарски прегледи и потпис.
Ливерпул веќе го договори трансферот на Фримпонг, исто така од Баер Леверкузен, а по Вирц вниманието ќе биде насочено кон нов лев бек во тимот, со Милош Керкез од Борнмут како главна желба на новиот англиски првак.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

