Тони Мегленски од денеска повеќе не е шеф на стручниот штаб на второлигашот Победа, откако му беше врачен отказ по слабите игри и резултати на екипата во првиот дел од сезоната.
Прилепчани денеска имаа состанок на Управниот Одбор со една единствена точка на дневниот ред – Разгледување на резултатите на ФК „Победа“ во есенскиот дел од натпреварувачката 2019/20 година.
„По разгледувањето на се она што беше постигнато во есенскиот дел од натпреварувачката 2019/20 година, очигледно беше незадоволството од постигнатите резултати и едногласно беше одлучено од сите членови на УО на ФК „Победа“ АД – Прилеп тренерот Мегленски Тони да биде разрешен од функцијата. За назначување односно пополнување на функцијата нов шеф на стручниот штаб по активностите на УО и изнаоѓањето на решение, јавноста ке биде благовремено известена повторно преку официјално известување од страна на УО на ФК Победа АД – Прилеп“ – соопштија од раководството на прилепскиот второлигаш.
Поранешниот прволигаш сега се бори за опстанок во Втората лига – Исток, каде по 14 одиграни кола се наоѓа на осмото место од десет екипи, со само 11 освоени бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА