Мегленски: Триумфот над Вардар е заслуга само на фудбалерите!

Шефот на стручниот штаб на Победа, Тони Мегленски заслугата за победата од 2-0 на прилепчани против Вардар во Струмица ја препиша на фудбалерите…

„Ова е победа на фудбалерите кои беспрекорно ги исполнија поставените задачи и затоа се најзаслужни за трумфот над Вардар. Фудбалерите со нивниот професионален пристап сфатија што се бара од нив и од натпревар во натпревар евидентен е прогресот во нашата игра. Со нивното залагање и со односот на терен покажаа како се бори за дресот на Победа. Оваа победа над Вардар треба да им биде само уште поголем мотив за продолжението на првенството. Ова е само надополнување на професионализмот кој во клубот го донесе новото раководство на сите нивоа, на клупска организација и резултатите ќе си дојдат сами по себе“ – вели Мегленски по вчерашниот триумф над „вардарци“, и дополнува:

„Но оваа победа над Вардар за нас е веќе минато и немаме време за славење и непотребна еуфорија бидејќи за Победа допрва престојат клучните натпревари сезонава. Веќе во среда не очекува нов тежок и многу значаен меч со Шкупи на Чаир. Останува фудбалерите следните два дена малку да се освежат и добро да го анализираме нашиот следен противник. Во Скопје патуваме со цел да се преставивме во најдобро издание, ќе се надигруваме со противникот кој ни е добро познат и доколку ја одиграме нашата игра имаме реални шанси да извелечеме поволен резултат“.

Победа сезонава вторпат го совлада Вардар во натпревар како домаќин. Есента во Прилеп беше 1-0, а сега во Струмица 2-0. Мегленски како дебитант на клупата на Победа го надмудри поискусниот колега Бобан Бабунски на клупата на Вардар и ја продолжи серијата на победи над „црвено-црните“. По Штерјовски и Бубања е трет тренер на црвено-белите со земен скалп на Вардар.

Се вчитува...