Меѓународен едриличарски тренинг-камп во Охрид како најава за „Ohrid Water Festival 2024“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Со меѓународниот едриличарски тренинг-камп во организација на „Акватика Јахтинг“ од Охрид во нашиот најголем туристички центар стартуваше Фестивалот на водени спортови „Ohrid Water festival 2024“ кој се организира по вторпат во нашава земја.

На тренинг-кампот, покрај домашните едриличарски клубови „Акватика Јахтинг“ од Охрид и ЕК „Снегар“ од Струга, ќе учествуваат и едриличари од Србија, САД и Турција кои ќе минат низ заедничка тренинг програма, теоретска и практична, во насока на дополнителен развој на едрењето во нашата земја.

Едриличарите од вчера го разубавија Охридското езеро на најдобар можен начин најавувајќи ги деновите на водените спортови во Македонија. Во периодот од 21 до 31. август ќе бидат организирани бројни натпревари во едрење, веслање, пливање, ватерполо, акватлон, кајак, СУП, традиционални трки со кајчиња и педалинки, а сето тоа ќе биде заокружено и со Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 31. август.

Едриличарскиот тренинг-камп на крај ќе биде заокружен и со Меѓународната едриличарска регата која традиционално во организација на „Акватика Јахтинг“ ќе се одржи на 22. и 23. август, а на која се очекува учество на повеќе од 50 едриличари од Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Турција и САД.

 

Се вчитува...