МЕЃУНАРОДЕН ФУДБАЛ ВО 2025: Чудотворецот Енрике, Кејн конечно дочека титула, Диого Жота, Ливерпул и Светско клупско првенство

Изминатата 2025 година донесе големи возбудувања на борилиштата ширум светот. На крајот на календарската година ЕКИПА.МК ви ги издвојува најинтересните и највозбудливи настани кои што се случија во светот.

Чудотворецот Енрике и титулата на ПСЖ во Лигата на шампионите. Првиот трофеј на Хари Кејн во кариерата, како и титулата на Ливерпул, но и катастрофалниот старт на новата сезона. Се простуваме од Диого Жота, а тука е и првото историско Светско клупско првенство кое што се одигра во САД.

ЧУДОТВОРЕЦОТ ЕНРИКЕ И ТИТУЛАТА НА ПСЖ ВО ЛШ 

Фудбалерите на Пари Сен Жермен испишаа историја и стигнаа до првата титула во Лигата на шампионите, откако во финалето на „Алијанц арената“ го прегазија Интер со убедливи 5-0. Дефинитивно најголем виновник за неверојатната сезона на „светците“ и освојувањето на тројната круна беше тренерот Луис Енрике.

Многу тренери со големо реноме се наредија последните десет години во ПСЖ меѓу кои и Карло Анчелоти, Томас Тухел, Унаи Емери, имаа и многу повредни тимови, но никогаш не успеаја да го одведат клубот од Париз на врвот во Европа. По заминувањето на Килијан Мбапе сите очекуваа ПСЖ да се изгуби во сивилото, а многу експерти предвидуваа дека може да ја загубат и титулата во домашниот шампионат. До полусезоната токму така и изгледаше. Тимот на Луис Енрике се мачеше и во Лига 1, но многу повеќе во Лигата на шампионите каде основниот дел го заврши на 15. место. Веројатно пресвртница во сезоната беше елиминацијата на Ливерпул во осминафиналето, кога почна да се надѕира дека овој тим има предиспозиции за највисок дострел.

Тоа на крајот и се случи убедлив триумф од 5-0 против Интер и прва историска титула за клубот во Лигата на шампионите.

Фото: X/Paris Saint-Germain

ПРВА ТИТУЛА ВО КАРИЕРАТА НА КЕЈН 

По долгогодишно чекање и безброј индивидуални награди, англискиот напаѓач Хари Кејн во 2025 конечно ја освои својата прва голема клупска титула во кариерата. Во сезоната 2024/25, со Баерн Минхен, Кејн стана шампион на Германија во Бундеслигата – 33. титула за Баерн и прва за него.

Сè беше решено на 4. кога Баер Леверкузен ремизираше 2-2 со Фрајбург, што математички ја потврди титулата на Баварците на две кола до крајот. Една недела подоцна, на 11 мај, Кејн го крена трофејот „Мајстершале“, по победата над Борусија Менхенгладбах (2-0) на Алијанц Арена, пред очите на семејството и навивачите. Кејн имаше огромен придонес во шампионската кампања: постигна 25 голови во Бундеслигата (втора сезона по ред како најдобар стрелец) и вкупно 36 голови во сите натпреварувања.

„Ова е неверојатно чувство. Долго чекав, но се исплати. Горд сум на тимот и на семејството кое беше тука со мене“, рече Кејн.

Пред трансферот во Баерн во 2023 година, Кејн помина 14 години во Тотенхем без трофеј, иако беше трипати најдобар стрелец во Премиер лигата. Минатата сезона во Баерн исто така заврши без титула. Ова беше првиот голем тимски трофеј за 32 -годишниот капитен на Англија, кој веќе има над 360 голови во кариерата.

ФОТО: X/FC Bayern München

ЛИВЕРПУЛ ТИТУЛА, ПА КАТАСТРОФАЛНА СЕЗОНА

Ливерпул jа освои својата втора титуал во Премиерлигата (и вкупно 20. во Англија). Тоа беше доминантна кампања во која „црвените“ нанижаа импресивни бодови, обезбедувајќи ја титулата со убедлива победа над Тотенхем од 5-1 на „Енфилд“. Ова беше прва титула пред публика од 1990 година, а Слот стана еден од ретките тренери кои триумфираат во својата дебитантска сезона.

Мохамед Салах и останатите ѕвезди блескаа, а клубот го израмни рекородот на Манчестер Јунајтед со 20 титули. Меѓутоа, одбраната на титулата во сезоната 2025/26 започна катастрофално. Иако Ливерпул влезе како бранител на трофејот и потроши рекордни суми на трансфери (вклучувајќи ги Александер Исак и Флоријан Вирц), тимот се соочи со низа проблеми – повреди, трагични настани и слаба форма. По 18 кола се далеку зад лидерите Арсенал, Манчестер Сити и Астон Вила. Имаа серија од 9 порази во 12 натпревари во еден период, најлош скор во последните 71 година.

фото: Х/LFC

ЗБОГУМ ДИОГО ЖОТА 

2025 година ќе остане запаметена како година на триумф и огромна тага за Диого Жота и навивачите на Ливерпул. Португалскиот напаѓач, кој дојде во клубот од Вулверхемптон во 2020 година, имаше клучна улога во освојувањето на титулата во Премиерлигата . Во таа кампања, Жота постигна 6 голови во 26 настапи во лигата. Неговиот последен гол за Ливерпул беше токму против Евертон, а клубот ја освои титулата на 27 април, што беше четврти трофеј за Жота со црвените.

Меѓутоа, радоста брзо се претвори во трагедија. На 22 јуни 2025 година, Жота се ожени со долгогодишната партнерка Руте Кардосо, но само 11 дена подоцна, на 3 јули, тој и неговиот помлад брат Андре Силва загинаа во сообраќајна несреќа во Шпанија. Жота се враќаше во Ливерпул на претсезонски подготовки по мала операција на белите дробови, кога нивниот автомобил излета од патот. Тој имаше 28 години, а брат му 25. Веста го шокираше фудбалскиот свет – од соиграчи, тренери, до навивачи ширум Европа. Жота остави зад себе сопруга и три деца.

ПРВ КЛУПСКИ МУНДИЈАЛ И ТИТУЛА ЗА ЧЕЛСИ 

Светското клупско првенство во 2025 година беше историско, прв пат во проширен формат со 32 екипи, одржан во САД од 14. јуни до 13. јули. Ова беше прво вакво натпреварување за Челси во новиот формат, иако клубот претходно ја освои титулата во стариот формат во 2021 година (победа над Палмеирас со 2-1 по продолженија). Сега, под водство на Енцо Мареска, „сините“ го освоија трофејот по втор пат, станувајќи првиот шампион во овој редизајниран турнир кој повеќе личи на Светското првенство за репрезентации.

Челси доминираше во финалето на МетЛајф стадионот во Њу Џерси, совладувајќи го европскиот шампион Пари Сен Жермен со убедливи 3-0. Кол Палмер беше ѕвездата на мечот, откако постигна два гола (во 22. и 30. минута), а асистираше и за третиот гол на Жоао Педро во 43. минута. Палмер ја доби Златната топка како најдобар играч на турнирот, додека голманот Роберт Санчез беше прогласен за најдобар чувар на мрежата. На патот до титулата, Челси имаше само еден пораз во групната фаза (од Фламенго), но потоа беше непобедлив против Бенфика, Палмеирас, Флуминенсе и на крајот ПСЖ. Со вкупно 17 голови на турнирот, Челси беше најефикасниот тим, а овој триумф им донесе втор меѓународен трофеј во сезоната 2024/25 (по Лигата на конференциите). Со овој трофеј Челси стана првиот тим во Европа кој ги има во своите витрини сите меѓународни трофеи.

фото: Х/FIFACWC

Се вчитува...