Четвртфиналната фаза од Лигата на шампиони ги спои менаџерите на Ливерпул и Манчестер сити за нова пресметка. Дуелот меѓу Клоп и Гвардиола ќе се гледа по 13. пат, но за прв пат во натпреварување со вакво реноме.
Двајцата стратези испишаа неколку страници во фудбалската историја во Германија и во Англија, како предводници на Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, односно Манчестер сити и Ливерпул. Се пресретнаа 12 пати, во кои Клоп има минимална предност во однос на победите, има шест, Гвардиола пет пати се радувал во меѓусебните пресметки со германскиот стратег, додека само еден меч завршил без победник.
Борусија Дортмунд – Баерн Минхен 4-2 (германски Супер – куп, јули 2013 година)
Ова ривалство започна во јули 2013 година, Клоп му посака „добредојде“ на Гвардиола во Бундес – лигата со победа од 4-2 во дуелот меѓу Дортмунд и Баерн во Супер – купот на Германија.
Борусија Дортмунд – Баерн Минхен 0-3 (Бундес – лига, ноември 2013 година)
Три месеци подоцна, Гвардиола го возврати ударот кој можеби и болеше повеќе. Баерн со убедливи 3-0 на „Сигнал Идуна парк“ славеше над „милионирите“, а резулатот го отвори екс-фудбалерот на Дортмунд кој токму пред почеток на таа сезона се пресели во Минхен, Марио Геце.
Баерн Минхен – Борусија Дортмунд 0-3 (Бундес – лига, април 2014 година)
Во шампионатот од истата сезона, со иста мера вратија „милионерите“ на Клоп кога гостуваа на „Алијанц“ арената. Во тој период се дозна дека Роберт Левандовски од следната година ќе го носи дресот на Баерн, па така Клоп го остави на клупа и без него ги совлада „баварците“ со убедливи 0-3.
Борусија Дортмунд – Баерн Минхен 0-2 (финале на германски Куп, мај 2014 година)
Веќе четврти меѓусебен дуел на Клоп и Гвардиола во првата сезона откако Шпанецот дојде во Германија, ја искористи шансата по втор пат да го земе „скалпот“ на неговиот колега во борбата за посакуваниот трофе
Борусија Дортмунд – Баерн Минхен 2-0 (германски Супер – куп, август 2014 година)
Отворањето на сезоната 2014/2015 започна во полза на Јирген Клоп. Неговата екипа одново го освои Супер – купот на Германија, и му го упропастија дебито на „предавникот“ Левандовски кој својот прв меч во дресот на „баварците“ го одигра токму против неговата поранешна екипа.
Борусија Дортмунд – Баерн Минхен 0-1 (Бундес – лига, април 2015 година)
На својот кам-бек на „Сигнал Идуна парк“, Роберт левандовски го реши победникот на средбата со единствениот погодок на мечот
Баерн Минхен – Борусија Дортмунд 2-1 (Бундес – лига, ноември 2014 година)
Фудбалерите на Гвардиола се одмаздија за последователниот пораз во Супер – купот, мечот во кој и Левандовски остави трага како стрелец за израмнувачкиот погодок по водството на Дортмунд кое го стекна преку Ројс.
Баерн Минхен – Борусија Дортмунд 1-1; 2-0 за Дортмунд по пенал рулет (полуфинале германски Куп, април 2015 година)
Оваа средба беше последната меѓу Клоп и Гвардиола на германско тло, а се радуваше стратегот на „милионерите“. По пенал рулетот во кој промашија Лам, Алонсо, Геце и Нојер, Баерн претрпе елиминација и остана без шанса да го одбрани трофејот.
Ливерпул – Манчестер сити 1-0 (Премиер – лига, декември 2016 година)
Ривалството меѓу двајцата стратези по кратка пауза продолжи на Островот. Дербито на „Боксинг деј“ припадна на „црвените“ со единствениот гол на Вајналдум.
Манчестер сити – Ливерпул 1-1 (Премиер – лига, март 2017 година)
Ова е единствената средба на која ниту Клоп, ниту Гвардиола не славеше, мечот заврши со реми при 1-1, по реализираниот пенал на Милнер, Агуеро ги постави конечните 1-1 на „Етихад“.
Манчестер сити – Ливерпул 5-0 (Премиер – лига, септември 2017 година)
Мечот го најмногу ќе остане запаметен по „хорор“ стартот на Садио Мане врз голманот на „граѓаните“ Едерсон, па токму по исклучувањето на крилото на Ливепрул започна голеадата во која Сане и Жесус му го нанесоа еден од најтешките порази на клоп во неговата тренерска кариера.
Ливерпул – Манчестер сити 4-3 (Премиер – лига, јануари 2018 година)
Во овој период од сезоната Гвардиола успеа да го направи Манчестер сити беше несовладлив, но Клоп и Ливерпул ја расипаа „бајката“ на граѓаните. На „Енфилд“ Сити го претрпе првиот првенствен пораз. Напаѓачкото трио Салах-Мане-Фирмино направи 4-1 предност за Ливерпул, а до крајот на средбата Сити успеа да го убалжи поразот за конечни 4-3, при тоа двете екипи изрежираа фудбалска класика.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА