Дефанзивецот на Англија, Хари Мегваер вели дека, за разлика од 2018 година, сега силно верува дека може да го освојат Светското првенство во Катар.
Англија во четвртфиналето ќе се соочи со Франција, а при евентуална победа потоа во полуфиналето оди на победникот од дуелот Португалија – Мароко. Англија, пак, на СП 2018 во Русија, по продолженија загуби од Хрватска. Последното свое финале на СП го играла во 1966 година.
Мегваер вели дека почнале во тимот позитивно да размислуваат откако играа финале на ЕП 2020, во кое по пенали загубија од Италија.
„Мислам дека победничкиот менталитет е единствената работа по која овој тим се разликува од оној во 2018. Сега навистина веруваме дека трофејот е можен. Убедени сме дека можеме да го освоиме турнирот, тоа е позитивна промена во менталитетот. Секако, знаеме дека ќе биде многу тешко затоа што има пет-шест селекции со исти убедувања, но ние веруваме“ – вели Мегваер.
Мегваер оваа сезона не игра многу за Манчестер јунајтед, но англискиот селектор Герет Саутгејт го смести во првиот тим на Англија на Мундијалот во Катар.
„Искрено, не читам многу што се пишува за мене. Самодовербата не ми е разнишана. Моето семејство можеби чита повеќе од мене, а постојано им викам да се тргнат од социјалните мрежи, иако тоа е навика на човештвото. Читам по нешто, но имам 29 години, капитен сум на Манчестер јунајтед и имам 52 настапи за англиската репрезентација. Што значи, ако ја погледнам мојата кариера, тогаш го живеам мојот сон. Го работам тоа што отсекогаш сум го сакал. А во следната фаза од кариерата сакам да освојувам трофеи. Минатата година ми беше тешка, не бев добар како претходните пет но мислам дека само Меси и Роналдо немале пад во текот на кариерите“ – вели Мегваер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА