Мегваер е пред потпис на нов договор со Манчестер Јунајтед

Хари Мегваер долго време беше најпотсмеван фудбалер во Премиер-лигата, но во таборот на Манчестер Јунајтед се задоволни од неговите изданија на стартот од сезонава, па Мегваер сега се наоѓа пред потпис на нов договор со „црвените ѓаволи“.

Управата не му понуди нов договор на дефанзивецот во текот на летово, но Аморим и клупските директори биле импресионирани од неговите лидерски способности, дури и во моментите кога Мегваер не се наоѓал на теренот, туку на клупата за резерви. Како што јавуваат медиумите, директорот Мет Харгривс веќе имал неколку рунди разговори со агентот на Мегваер, при што кај двете страни има оптимизам дека веќе во наредниот месец би можел да биде постигнат целосен договор.

Иако Мегваер никогаш не го оправда епитетот на најскап дефанзивец во Премиер-лигата по трансферот од Лестер, во Јунајтед гледаат на 32-годишниот англиски репрезентативец како на подобра опција отколку тој да си замине без отштета, а клубот да мора на пазарот да троши над 30-40 милиони на ново засилување за одбраната.

Мегваер моментно има 140.000 фунти неделна плата во Манчестер Јунајтед, а се шпекулира дека новиот договор ќе биде со нешто пониска сума од актуелниот, но ќе биде со важност до јуни 2028 година.

Се вчитува...