Трансферот на Хари Мегваер од Лестер во Манчестер Јунајтед ќе биде комплетиран во најскоро време откако „лисиците“ ја прифатиле најновата понуда на „црвените ѓаволи“ за англискиот репрезентативец. Долгите преговори вродија со плод за Лестер, па Мегвајер си оди од овој клуб за отштета од 80 милиони фунти, што го прави најскап дефанзивец во историјата на светскиот фудбал.
Со овој трансфер е урнат рекордот на Вирџил ван Дајк, кој се пресели од Саутемптон во Ливерпул за сума од 75 милиони фунти. Оле Гунар Солскјер беше во потрага по врвни засилувања за одбраната, а Мегваер од првиот момент се наоѓаше на листата со желби на стратегот на Јунајтед. Преговорите почнаа со сума од 60 милиони фунти, за на крајот Манчестер Јунајтед да ги прифати условите на Лестер, нудејќи 80 милиони фунти за одличниот одбранбен фудбалер.
Се очекува трансферот да биде комплетиран додека тимот се наоѓа на подготовки во Австралија, а Мегваер би им се приклучил на новите соиграчи по завршувањето на оваа турнеа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА