Хари Мегваер отворено се закани на Манчестер Јунајтед дека е подготвен да го напушти клубот доколку наскоро не добие повеќе шанси за докажување во стартниот тим на „црвените ѓаволи“.
Тен Хаг летово јасно му стави до знаење на дефанзивецот дека не смета сериозно на неговите услуги, Јунајтед со сите сили се обидуваше да го продаде англискиот репрезентативец, а трансферот во Вест Хем пропадна откако Мегваер одби да си замине од „Олд Трафорд“. Неколку месеци подоцна, дефанзивецот има само еден старт во Премиер-лигата, и тоа во меч во кој за Јунајтед не можеа да настапат шест дефанзивци, а се очекува враќањето на Варан да значи и нова преселба на Мегваер на клупата за резерви на „црвените ѓаволи“.
„Не можам да бидам среќен кога минувам толку многу време на клупата, а толку малку на теренот. Процентот на победи на тимот кога јас сум на теренот е огромен, верувам дека заслужувам да бидам стартер. Секако, тренерот е тој што одлучува, по репрезентативната пауза ќе се вратам во клубот и ќе видам каков статус ќе имам. Едно е сигурно, не мислам да продолжам да седам во Манчестер Јунајтед и да играм само по еден натпревар месечно. Немам минутажа каква што заслужувам во клубот, тоа е и повеќе од јасно“, изјави Мегваер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

