Рајан Мејсон беше принуден прерано да ја заврши својата кариера по тешката повреда на главата заработена по еден воздушен дуел со Гери Кејхил. Фудбалерот на Хал јавно изрази благодарност до сите кои му даваа поддршка во изминатите месеци во кои имаше сериозни здравствени проблеми, издвојувајќи го Петр Чех како човек кој најмногу му помогнал.
Чешкиот голман пред неколку години и самиот заработи тешка повреда на главата, па по незгодата на Мејсон самиот го контактирал за да му понуди помош.
„Петр Чех, не можам да кажам доволно пофални зборови за него. Веднаш по незгодата го контактираше моето семејство, објаснувајќи дека она низ што ќе минуваме е речиси нормално. Ни најави што да очекуваме… дека нема да можам да зборувам, дека ќе се мачам да гледам на малку посилна светлина и такви работи. Штом малку закрепнав сакав да го видам, а тој ми порача: Штом ќе бидеш подготвен, јас ќе дојдам да разговараме“ – открива Мејсон.
Помошта добиена од големиот ас била драгоцена за фудбалерот на Хал.
„Најпрвин бев загрижен бидејќи со никого немав разговарано подолго од десет минути. Тој влезе низ вратата, седна на креветот и ми рече: Не зборувај, само слушај! И ми зборуваше час и половина, јас не реков ниту збор… беше брилијантно. Петр Чех во моите очи го постави стандардот што значи да се биде добар човек. Искрено се надевам дека никој никогаш нема да заработи повреда ниту слична на мојата, но доколку дојде до такво нешто би сакал да помогнам како што Чех ми помогна на мене“ – порачува Рајан Мејсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА