Мекиќ и Вајли: Ова е нова репрезентација, можеме да ветиме борба

Македонските кошаркари по двонеделните подготовки се подготвени за новиот предизвик, со подмладен состав да стигнат до победа над Романија на стартот од новиот квалификациски циклус.

Адем Мекиќ како еден од најискусните во нашиот табор најави добра игра, барајќи од публиката во салата и од целокупната јавност сепак да покаже трпение за овој подмладен состав.

„Нималку лесен противник за нас утре, но ова е нова слика, една подмладена репрезентација гладна за успех, жедна за победа. Ни недостига искуство, но можеме да го надополниме тоа со максимално ангажирање. Би ја замолил публиката за трпение со овие млади момци, сите сме тука за да го дадеме најдоброто за Македонија. Јас искрено сум пресреќен што сум овде и ќе сториме се за еден позитивен резултат, да дадеме најдоброто од себе и да оствариме конекција со нашите навивачи“, истакна Мекиќ.

Џејкоб Вајли по неколку години пауза повторно ќе го облече македонскиот дрес и нема сомнеж дека Американецот ќе даде дополнителен квалитет во нашата игра под обрачите.

„Чест е да бидам дел од македонската репрезентација, кога ми се јавија бев возбуден што повторон ќе дојдам и ќе играм за Македонија. Очигледно е дека имаме млад тим, голем дел од играчите од минатото се повлечени од репрезентацијата, на нас поискусните е да им помогнеме на оние помладите, за мене бројот на поени не е толку важен колку карактерот што треба да го покажеме и ние како лидери, но и целокупната репрезентација. Очекувањата се да играме максимално, со висок интензитет и да покажеме дека можеме да играме на високо ниво“, истакна Вајли на денешната прес-конференција.

Се вчитува...