Мекиќ: Имаме добар спој на искуство и младост, добро е што е и Јакимовски сега тука со нас

Адем Мекиќ, заедно со капитенот Андреј Магдевски и повратникот Џејкоб Вајли, изминатово лето беше издвоен како еден од носителите на видно изменетиот состав на нашата најдобра селекција. Но повредата на средбата со Унгарија, го спречи да биде во тимот за наредните мечеви, оние со Романија на гостински терен, и со Унгарија на домашен.

Сега, тие проблеми се одамна зад искусното крило, и Мекиќ се чувствува подготвен да го даде својот максимум на мечевите кои следуваат во овој ноемвриски ФИБА „прозорец“, во кој се предвидени два натпревари.

Првиот со селекцијата на Азербејџан, кој ќе се игра веќе утре (27.ноември) во СРЦ „Кале“ во Скопје (со почеток од 19 часот). Вториот, три дена подоцна, на 30 ноември, против репрезентацијата на Ирска.

„Како што е веќе познато, во секој нареден циклус имаме нов состав. Се надевам на одлична, пред се, тимска хемија, затоа што, за разлика од летото, имаме спој на младост и искуство. Имаме играчи како Војдан Стојановски, потоа Стојан Ѓуроски, тука е и Андреј Јакимовски… сигурно на хартија сме подобра екипа од што бевме летоска. Пред се поискусна, подоминантна екипа. Се надевам на добри игри, на добри мечеви, на енергетски и тимски план, и на позитивни резултати“ – смета Мекиќ.

Дополнува и тоа дека предноста која ја носи домашниот терен, едноставно, мора да се искористи, веднаш, уште на мечот со репрезентацијата на Азербејџан.

„Првиот меч го играме дома, тоа е еден голем плус за нас. Овој циклус е таков каде нема многу време за тактика. Во овој циклус ќе одлучува тимската хемија и енергијата. Прв противник ни е Азербејџан, немам јасна слика за нив, но од она што го чув во Косово затоа што тие играа претходно со нив, информациите се дека играат цврста кошарка. Сигурен сум дека тренерите ќе ги обезбедат сите информации и ќе влеземе спремни за натпреварот со нив“– додава нашиот репрезентативец пред првите обрвскки во овој ФИБА „прозорец“.

Се вчитува...