Мекиќ: Куманово е кошаркарски град, знам дека ќе имаме голема поддршка

Адем Мекиќ е еден од најискусните играчи кои ќе бидат во конкуренција за настап во овој претквалификациски циклус за пласман на Светскиот Куп во 2027 година во Катар.

Во изминатиот период од подготовките беше еден од оние од кои оние „помладите“ имаа што да (по) научат, а така се очекува да биде и во оние финални неколку денови пред стартот на претквалификациската трка во која нашиот сениорски национален тим ќе се „трка“ со репрезентациите на Романија и на Унгарија.

„За нас, два особено битни натпревари, затоа што, како што сите добро знаеме, сме една подмладена репрезентација. Со многу нови лица, млади. Спој на младост и, за жал, нешто помалку искуство. Но на наша радост, огромна енергија и желба за натпреварување и победа. Одигравме два солидни натпревари со Швајцарија. За наша среќа, бевме успешни во двата натпревари. Видовме кои ни се позитивни, а кои негативни страни, и на она што треба повеќе да обрнеме внимание“, вели Мекиќ за сработеното во досегашионт дел од подготовките.

Следен предизвик е дуелот во Куманово на 2 август против селекцијата на Романија, меч на кој нашите кошаркари очекуваат полна сала и голема поддршка од трибините.

„Во секој случај, задоволни сме, како работиме, како протекнаа изминатите денови, имаме одлична тимска хемија. Со големо нетрпение, со голема радост ги дочекуваме овие натпревари. Знаеме дека Куманово е кошаркарски град. Сигурни сме дека публиката ќе нè поддржи во голем број, и се надеваме на позитивен резултат“ – посакува искусниот репрезентативец.  

Се вчитува...