МЗТ Скопје во меч со многу осцилации на крајот заслужено триумфираше над Куманово и се пласираше во полуфиналето од Купот на Македонија, каде денеска (17 часот, СРЦ Кале) ќе се сретнат со Академија ФМП.
„Металците“ се фаворити во овој меч, но повеќе од јасно е дека ќе мора да одиграат максимално ангажирано во текот на сите 40 минути. Доказ за тоа е првиот овосезонски дуел на овие две екипи, на кои ФМП се врати од негатива од „минус тринаесет“ од првиот меч и славеше со убедливи 85-73 над актуелниот шампион на Македонија.
„Како што веќе видовме, на овој куп-турнир не постојат фаворити. Особено екипата на ФМП се покажа во одлично светло и јасно е дека повторно ќе биде крајно мотивирана. Она што можам да го гарантирам е дека ќе нема потценување од наша страна, тимовите на тренерот Александар Петровиќ секогаш играат одлична кошарка. За нас клучно ќе биде да ја запреме нивната транзиција, ако го сториме тоа ќе завршиме голема работа на патот до големото финале. Сметам дека наша предност ќе биде агресивната одбрана и подолгата клупа, но јасно ни е дека ќе мораме да одиграме 40 минути на највисоко ниво ако сакаме да се радуваме на победата“, изјави Адем Мекиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА