Македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ реши да си замине од редовите на МЗТ Скопје и својата кариера да ја продолжи во дресот на Куманово. Новиот тренер на кумановци, Александар Петровиќ, најави засилувања во ростерот на својот тим, по што постигна договор со Мекиќ, кој си заминува од МЗТ поради премалата минутажа што ја добиваше како член на актуелниот шампион.
„Можам да изразам само благодарност до сите во МЗТ Скопје за она што го доживеав во овој клуб во изминатите три години. Сепак, сметам дека дојде време кога треба да прикажувам повеќе на теренот, неопходна ми е поголема минутажа и затоа се решив на ваков чекор. Веќе зедов исписница и имам начесен договор со Куманово, утре заминувам на потпис на договорот со овој клуб“ – изјави Мекиќ за ЕКИПА.
Тој имаше нешто поголема минутажа на првите натпревари сезонава, по што на последните средби речиси и да не влегуваше во игра, по што реши да ги смени клупските бои. Мекиќ ќе дебитира за Куманово веќе на наредниот дуел од БИБЛ-лигата, на домашен терен против Рилски спортист, закажан за среда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА