Адем Мекиќ ќе ја има улогата на најискусен македонски кошаркар (крај Американецот Вајли) во националниот тим во пресрет на новиот циклус на претквалификации за СП 2027.
Крилниот кошаркар пристигна во Гевгелија со неколку дена задоцнување, но веќе имаше можност да одработи неколку тренинзи и да се адаптира на новиот лик на репрезентацијата.
„Македонската репрезентација е во нов облик. Ова е природен процес за жал кај нас се случи наеднаш, што поради природни, што поради неприродни причини. Но, тоа е, што е. Тренираме одлично и најважно е дека имаме добра енергија и атмосфера, тоа е она што ме радува и што ми дава верба за светла иднина. Момците се позитивни, гладни за докажување и за успех, според мене нешто е најважно во овој момент“, истакнува Мекиќ.
Со огромен број на нови млади кошаркари, јасно е дека ќе треба и повеќе време за целосна адаптација, но тој е оптимист за добри партии и ветува – максимална ангажираност од првата до последната минута на четирите средби од овие претквалификации.
„Полека се запознаваме. Во составот сега има повеќе неискусни кошаркари од искусни, па сега ние се прилагодуваме на младиот бран. Мора сите заедно да им дадеме поддршка, јавноста мора да има трпение за младите кошаркари, им треба време за да се созреат. Иако имаме нова и млада Македонија, сигурен сум дека оваа репрезентација ќе даде 100% од себе на секој натпревар. Се приклучи Вајли што пак е дополнителен импулс за сите во тимот. Неговата поддршка под обрачите и тоа како ќе биде значајна, кошаркарите ќе можат да научат многу од него“, додаде Адем Мекиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

