Фудбалерот на Пари Сен Жермен, Лионел Меси ќе даде се од себе за да го освои Светското првенство во Катар со аргентинската репрезентација, изјави менаџерот Фабијан Солдини, пренесуваат аргентинските медиуми.
Аргентинскиот сајт „Infobae.com“ ја објави сторијата на Солдини, кој беше првиот менаџер на Меси. Солдини е еден од најзаслужните за доаѓањето на Меси во Барселона во 2000 година.
„Кога бев во неговата куќа во 2015 година, а се немавме видено речиси десет години пред тоа, ми рече: Фаби, една година се будев ноќе размислувајќи за финалето на Светското првенство против Германија. Не можев да спијам“, изјави првиот менаџер на аргентинскиот фудбалер.
Германија ја победи Аргентина во финалето на СП 2014 по подоброто изведување на пенали.
„Аргентина е неговата љубов. Ниту Њуелс, ниту Барселона, ниту ПСЖ. Ја сака репрезентацијата и го погодуваат лошите работи што и се случуваат на Аргентина“, тврди Солдини.
Меси минатата година го освои единствениот трофеј со Аргентина победувајќи го Бразил во финалето на Копа Америка.
„Лео е често критикуван, но тој беше болен, а потоа и повреден. За овие бои се бори како лав. И тогаш луѓето велат дека тој не играл како што играл за клубот. Тие зборови го болат и навредуваат. Меси живее за Аргентина и ќе даде се од себе да им го донесе трофејот во Катар“, заклучи Солдини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА