Mерино е херојот на Шпанија, домаќинот го заврши настапот на ЕП (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Шпанија е првиот полуфиналист на Европското првенство откако во четвртфиналето по продолженија славеа над домаќинот Германија со 2-1.

Првото полувреме не ни донесе многу фудбалски возбудувања, но многу цврста и машка игра. По 45 минути двата тима направија вкупно 15 фаули, а веќе пожолтеа и тројца фудбалери на двете страни.

Уште на самиот старт селекторот на шпанската репрезентација Де ла Фуенте се соочи со големи проблеми. По само осум минути игра теренот мораше да го напушти Педри поради повреда. По еден дуел со Крос, младата ѕвезда на Барселона едноставно не беше повеќе во можност да го продолжи натпреварот.

Првата шанса во второто полувреме ја имаше Алваро Мората во 47 минута но од непосредна близина биеше непрецизно. Сепак, „црвената-фурија“ во 51. минута успеа да стигне до водство 1-0 преку Дани Олмо.

Тренерот Де ла Фуенте направи голема грешка кога реши да се повлече и да се брани до крајот, а сето тоа го искористи Флоријан Вирц кој во 89. минута израмни на 1-1.

Во продолженијата судиите уште еднаш покажаа дека немаат изедначен критериум од меч во меч. Откако против Данска, Германците добија пенал за минимален контакт, кој на прва не се ни виде, со Шпанија се случи токму спротивното.

Кукурела очигледно играше со рака во својот шеснаесетник, но Ентони Тејлор, заедно со судиите во ВАР собата не се одлучија ниту да ја погледнат снимката.

Откако не добија чист пенал Германците, Мерино беше херојот за Шпанија кој во 119. минута го постигна погодокот за триумф од 2-1. Во полуфиналето Шпанија ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Франција и Португалија.

Се вчитува...