Тимот на Мерцедес го претстави новиот болид W08, а првите кругови на патеката Силверстон ги возеше Луис Хамилтон. Тројниот шампион во Формула 1, сезонава ќе атакува на четвртата титула, според првите впечатоци, шампионски ќе биде и болидот на Мерцедес. Британецот беше воодушевен од новиот болид на Мерцедес направен според новите правила во Ф1, според кои болидите сезонава ќе бидат со пошироки пневматици, побрзи и со изменет дизајн.
„Во средата прв пат го видов готов болидот. Тоа е најдетален дел од машинеријата што некогаш сум ја видел во Формула 1. Ова не беше вистински тест, извозев само неколку круга за да се увериме дали болидот е подготвен, но успеав да бидам побрз во последните неколку круга.Чувството е речиси идентично во однос на минатогодишниот болид во поглед на ергономијата, но сега околу себе имаш поголема и уште посилна „ѕверка“, воодушевено изјави Хамилтон за првите впечатоци од новиот болид.
По Хамилтон, новиот болид го испроба и Валтери Ботас, новиот возач кој го замени Нико Розберг во Мерцедес.
„Ова е нова ера на технички иновации, можеби некоја екипа нашла „сребрен куршум“ кој ќе ја направи разликата, како што направи Брон во 2009 година. Се надевам дека сезонава тоа ќе бидеме ние“, изјави директорот на Мерцедес, Тото Волф.
Откако премина на хибридните турбо мотори, Мерцедес доминира во Ф1 во последните три сезoни во кои освои три титули во конкуренција на конструктори и три во конкуренција на возачи. Во последните три години, „сребрените стрели“ победија во 51 од 59 трки.
Новата сезона во Ф1 стартува на 26 март со трката за ГН на Австралија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА