Светскиот шампионат во Русија беше еден од најбурните во историјата на аргентинскиот национален тим, конфликтите меѓу селекторот и фудбалерите беа и повеќе од очигледни, па логично беше што настапот заврши веќе во осминафиналето, со пораз од новиот мундијалски првак Франција. Новинарот Ариел Сеносиаин објави детали од „кризниот состанок“ што „гаучосите“ го имаа во Русија по поразот од Хрватска, кога голем дел од фудбалерите предводени од капитенот Лионел Меси побарале од челниците на федерацијата среде СП да му биде врачен отказ на селекторот Сампаоли.
„Не разбираме што кажувате, ниту пак веруваме во вас. Сакаме ние да имаме право на свое мислење и истото да го кажеме“ – го почнале фудбалерите состанокот.
Најгласен бил токму Меси, кој му се налутил на селекторот што ниту еднаш не ги демантирал обвинувањата во медиумите дека аргентинскиот капитен му го крои составот, бирајќи си го тимот за натпреварите.
„Десет пати ме праша кои фудбалери мислам дека треба да играат и јас ниту еднаш, ама буквално ниту еднаш не ти кажав ниту едно име. Еве сега пред сите, кажи дали некогаш сум именувал играч што сум сакал да биде стартер. Се што ти реков е дека не играме добро и дека нешто мора да промениш“ – му се спротивставил Меси на селекторот.
Епилогот е добро познат, Сампаоли остана селектор до крајот на Мундијалот, но неодамна доби отказ од функцијата, но половина од фудбалерите сега размислуваат дали воопшто да ја продолжат репрезентативната кариера, по уште едно разочарување на големите натпреварувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА