Американскиот претседател Џо Бајден на гала-вечера во Белата куќа додели 19 медали „претседателски орден на слободата“, а единствениот лауреат кој не се појави на церемонијата беше најдобриот фудбалер на сите времиња, Лео Меси.
Аргентинецот го минува празничниот период во татковината, а ниту повикот од највисокото американско раководство не беше доволен Меси да се врати порано во САД. Меси бил известен дека е добитник на наградата уште во декември, кога му бил кажан и точниот датум на гала-вечерата, но тој сепак не успеа да се „ослободи“ за да присуствува лично во Белата куќа, ниту пак испрати член на семејството да ја прими награда наместо него.
Наместо лично присуство, Меси преку својот менаџерски тим и клубот Интер Мајами порача: „Дека му е голема чест и привилегија да го добие тоа признание, но и дека нема да може да присуствува поради распоредот и претходно договорени обврски. Исто така, дека ќе се надева дека во блиска иднина ќе има можност да се сретне со Џо Бајден“.
Од останатите лауреати, тука беше НБА-легендата Меџик Џонсон, потоа актерите Дензел Вашингтон и Мајкл Џеј Фокс, поп-ѕвездата Боно, Хилари Клинтон, Ралф Лорен…
Претседателскиот орден на слободата е најголема национална награда за цивилни лица, која се доделува на поединци кои дале значаен придонес за САД, мирот во светот или други значајни, јавни, владини или приватни потфати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА