Македонскиот голман Столе Димитриевски вечерва ќе има пеколно тешка задача да ги запре налетите на Барселона, на дуелот во кој каталонскиот гигант ќе го пречека Рајо Валјекано. Домашниот тренер Ернесто Валверде ќе одмори дел од првотимците за претстојниот меч од ЛШ против Лион, но од првата минута се очекува на теренот да се појави Лионел Меси, кој вечерва ќе прослави уште еден јубилеј.
Имено, дуелот со Рајо Валјекано ќе биде вкупно 800. натпревар на Меси во неговата професионална кариера, како член на Барселона и на аргентинската репрезентација.
Меси ја игра својата 15. сезона како професионален фудбалер, а дебито го имаше на градското дерби со Еспањол на 16 октомви 2004 година. На досегашните 799 натпревари тој има постигнато вкупно 650 погодоци (0,81 по натпревар). Досега тој има настапено на 671 средба за Барса, притоа постигнувајќи 585 погодоци. Својот прв гол за каталонскиот гигант го постигна на 1 мај 2005 година, при победата од 2-0 над Албасете, осум натпревари по своето деби. Последниот хет-трик Меси го постигна на дуелот со Севилја на 23 февруари 2019 година.
Дебито на Лионел Меси за националниот тим се случи на 17 август 2005 година, при победата од 2-1 над Унгарија. Првиот гол за „гаучосите“ овој ас го постигна на 1 март 2006 година против Хрватска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА