Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси (37) е пред крајот на својата голема кариера. Меси моментално е член на Интер Мајами, со кого има договор до крајот на 2025 година. Во интервју за каталонскиот медиум 3Cat, тој објасни дека по кариерата не сака да живее во Аргентина, туку дека сака да се врати во Барселона, која нему и на неговите деца многу им недостасува.
Тој зборуваше и за сегашната Барселона предводена од Флик, и кажа дека не е изненаден од играта.
„Денешната Барселона со тренерот Ханси Флик е спектакуларна. Убаво е да ги гледам како играат, но не ме изненадија. Јас сум дел од Барселона од својата 13-та година. Фудбалерите на Ла Масија го познаваат овој клуб подобро од сите и нормално е дека играат одлично кога им се верува.“, рече Меси.
Изјави дека еден ден ќе се врати во Барселона за да живее таму.
„Планирам да се вратам со сопругата и децата во Барселона и да живеам таму. На сите ни недостасува Барселона. Имаме пријатели таму. Моите деца се Каталонци, најголемиот дел од мојот живот го живеев во Барселона. Се чувствувам како да е мојот дом и многу ми недостига. Никогаш не знаеш каде ќе те однесе животот, но сакам Барселона да биде мојот дом за живеење“, заклучи Меси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА